Од ден на борба до ден на скапи подароци: Каде се изгуби 8 Март?

Со текот на годините, 8 Март постепено го изгуби своето првично значење и се претвори во ден кој повеќе наликува на ритуал без содржина отколку на политички и општествен потсетник.

Photo by Valeria Boltneva

Денот што настанал од борба за работнички права, за достоинствени услови за работа, за еднаква плата и за право на глас, денес често се сведува на купување цвеќе, симболични подароци и иронични гестови кои повеќе служат за смирување на совеста отколку за вистинско признавање. Наместо разговор за нееднаквост, насилство и системски проблеми, добиваме рози, парфеми, па дури и тенџериња, како тивка порака дека улогата на жената е да биде благодарна за еден ден внимание во замена за цела година молк.

Оваа комерцијализација не е случајна,  ама за многу мажи е прифатлива и убава. Таа го претвора 8 Март во безбеден, среќен ден, лишен од својата суштина. Наместо да се зборува за жените како политички субјекти со права и барања, тие се редуцираат на улоги  (мајки, сопруги, наставнички) за кои се купува „соодветен“ подарок. Особено е проблематично тоа што 8 март често погрешно се меша со Денот на мајката, како да вредноста на жените мора да биде оправдана преку нивната грижа за другите, а не преку нивното постоење како автономни личности. За многумина ова е ден на мајките, но не е така,  туку  е ден за жените, за нивниот труд, нивните животи и нивните права, без услови и без слатки приказни. 

Историски, 8 Март произлегува од конкретни и тешки услови: од штрајкови на жени работнички, од протести против експлоатација, од борба за основни права во општества кои ги исклучувале жените од јавниот и политичкиот живот. Тоа бил ден на отпор, а не на благодарност. Кога денес го празнуваме без да ја споменеме таа историја, ние всушност ја бришеме. Го одвојуваме симболот од неговиот контекст и го претвораме во празна форма, која лесно се продава и уште полесно се заборава.

Во балкански контекст, оваа празнина е особено проблематична, затоа што условите во кои живеат многу жени далеку од тоа дека се идеални или средени. Македонија, па и Балканот и понатаму се соочува со високо ниво на родово базирано насилство, економска несигурност, нееднаква распределба на неплатен труд и сериозен проблем со фемицидот, кој често се третира како изолиран инцидент, а не како последица на системска незаинтересираност и култура на толеранција кон насилството. Секоја година, жени се убиени од партнери или поранешни партнери, а реакциите се сведуваат на краткотрајна јавна осуда, без суштински промени во институционалната заштита. Секогаш кога го славиме на овој начин, забораваме на жените жртви на семејно насилство или жените кои се борат со својата егзистенција, самохраните мајки, жените кои добиваат отказ бидејќи решаваат да имаат деца и оние кои работат долги саати во фабриките. 

Photo by cottonbro studio

Во таков контекст, сведувањето на 8 Март на цвеќе и скапи подароци за наставничките не е само безопасна традиција, туку само на избегнување, или преправање дека сѐ е во ред. Но, дали е навистина сѐ во ред?

Полесно е да се купи подарок отколку да се постави прашањето зошто жените сè уште се небезбедни во сопствените домови, зошто нивниот труд е помалку платен, зошто нивните пријави за насилство не се сфаќаат сериозно. Полесно е еден ден во годината да се каже „ви благодарам“ отколку секојдневно да се создаваат услови за достоинствен живот.

8 Март не треба да биде ден на симболична љубезност, туку ден на јасно сеќавање и јасен став како сакаме да продолжиме понатаму . Ова е ден кога се признава дека правата што денес ги имаме не се подарок, туку резултат на борба, и дека многу од тие права сè уште се кревки или недовршени. Додека жените продолжуваат да живеат во несигурни услови, додека насилството се нормализира, а нееднаквоста се прикрива со цвеќе, 8 Март нема право да биде празник без содржина. Тој мора да остане потсетник дека ова не е завршена приказна, туку процес што бара внимание, одговорност и континуирана промена.