Од декември сите домаќинства со смарт броила ќе имаат евтина денска тарифа, потврди Салтировски

Дали сите граѓани ќе имаат евтина тарифа на струја? На ова прашање кое ги засега граѓаните, особено во време на инфлација, одговор во интервју за Макфакс даде Сашо Салтировски менаџер на ЕВН Електродистрибуција.

- Како што знаете Електродистрибуција постојано работи на модернизација и реконструкција на мрежата, а целта на овие инвестиции е унапредување на услугите и поголема функционалност на системот. Меѓу другото дел од овие проекти е промена на броилата односно поставување на смарт броила на достапни места, кои што постојано и во реално време ќе бидат достапни за граѓаните, но и за тимовите на Електродистрибуција. Досега инсталиравме околу 200.000 смарт броила. Кај сите овие корисници евтината тарифа ќе биде имплементирана на 01.12.2023 точно во 00:00 часот. Останатите броила ќе бидат сетирани при редовно отчитување, во текот на месец Декември. За да има секој потрошувач евтина тарифа важно е броилото да биде достапно, а не затворено во домот на корисникот или на друго непристапно место. Оттука сакам да потенцирам дека нашите инвестиции во изминатиот период се во интерес на корисниците. Сведоци сме дека нашите екипи при реализација на овие инвестиции во одредени региони наидоа на отпор, но успеавме на корисниците да им објасниме дека тоа е во нивен интерес. Така на пример сега во Арачиново сите броила се достапни и корисниците од ова село ќе имаат сетирана евтина тарифа навреме. Општина Липково ќе биде првата општина во земјава која ќе биде целосно покриена со смарт броила. Загубите веќе се на ниво на технички загуби, односно  околу 10%, вели тој во интервјуто.