Од четврток ќе бидат пуштени во оптек новите банкноти од 200 и 2000 денари

На 15-ти овој месец, Народната банка на Република Македонија ќе ги пушти во оптек новите банкноти од 200 и 2000 денари. 

Истовремено, ќе биде повлечена банкнотата од 5 000 денари. Од НБРМ информираа дека по серија анализи во кои беа вклучени сите фактори се дојде до заклучок дека е потребно реструктуирање во апоенската струкутра на книжните пари, па така банкнотата од 5 000 денари веќе нема да биде во оптек, додека на нејзино место ќе дојдат банкнотите со вредност од 200 и 2 000 денари. 

5 000-ките, според искуството се слабо прифатени и ретко се користат поради нивната висока номинална вредност, нивното присуство во секојдневната економска размена е незначително, па затоа од НБРМ се решија да ги повлечат од употреба. Воведувањето на новите банкноти со помала номинална вредност ќе значи полесна и поефикасна готовинска трансакција и урамнотежување на побарувачката на одредени други деноминации. Банкнотите од 5 000 денари ќе можат да се заменат во деловните банки во Македонија почнувајќи од 15-ти декември, па се до 28-ми февруари наредната година. 

Во меѓувреме, додека новите банкноти не бидат пуштени во оптек, ќе се врши едукација на вработените во банките во врска со карактеристиките на новите апоени, како и софтверско прилагодување на машините за броење пари, како и банкоматите, со цел од 15-ти да биде овозможено непречено користење на новите банкноти.