Од Центар до Пинтија ќе се вози по булевар

Градот Скопје денеска го потпиша договорот за реализација на третата фаза од довршувањето на булеварот „Борис Трајковски“. Со финансирање преку кредитно задолжување, во наредните 18 месеци ќе се изведуваат градежни работи за реконструкција и проширување на оваа сообраќајница, на потегот од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија. Станува збор за траса со должина од 2.200 метри, каде постоечкиот коловозот ќе биде проширен на четири коловозни ленти со вкупна ширина од 13,7 метри, а ќе бидат изведени и пешачки патеки од двете страни, како и велосипедска патека. Градежните работи ќе ги изведува конзорциум составен од скопски „Бетон“, „Бауер БГ“ и „Понстрој инженеринг ЕАД“.

„Градежните работи на улицата Борис Трајковски ќе се искористат за изградба на нова атмосферска канализација по должината на улицата, ќе биде извршена заштита и дислокација на постојните подземни инсталации, електрични и телекомуникациски, а ќе биде поставено и целосно ново осветлување. На новиот булевар ќе се постават нови семафори и ќе биде поставена целосно нова хоризонтална и вертикална сигнализација“, изјави скопскиот градоначалник Коце Трајановски по потпишувањето на договорот.

За проширувањето и реконструкцијата на оваа скопска сообраќајница се предвидени 228.164.592 денари (околу 3,7 милиони евра) преку Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој и Светската банка. Заемот ќе треба да се враќа во период од 13 години, со грејс период од три години.