ОД БИЛЕТАРНИЦИТЕ НА ЈСП: Повлечени хартиените билети за 10 возења

Од денеска во билетарниците на ЈСП не можат да се купат хартиените билети за 10 возења. Точно 20 дена пред истекот на важноста претпријатието ги повлече од продажба овие билети што чинеа 250 денари.

Граѓаните кои се' уште имаат кај себе вакви билети ќе мора да ги искористат најдоцна до 1 септември, кога стартува електронската наплата во јавниот градски превоз кон која се приклучуваат и приватните превозници. Со тоа хартиените билети заминуваат во историјата, а во иднина возењето во автобусите низ градот ќе биде само со електронска картичка.

Електронската картичка може да биде персонализирана (со слика), што чини 200 денари и ќе може да ја користи само сопственикот, и неперсонализирана (без слика), по цена од 150 денари која ќе може да ја користат и други. Неперсонализирана картичка за 10 возења чини 250 денари и ќе важи 15 дена од првото отчукување на валидаторот во автобусот, а ако се надополнува преку електронски парични, тогаш едно возење во автобус ќе се наплаќа 35 денари. Плаќањето во автобус може да се врши и преку мобилен телефон и тогаш возењето чини 40 денари.

Во тарифниот систем на ЈСП има и други видови билети, во зависност од времетраењето на важноста, како дневен, седумдневен или месечен, месечен за ученици и студенти, за пензионери и пакети од комбинирани билети.