Од "Александар Велики" ќе се лета до нови дестинации

За граѓаните се отворија нови можности за патување, а влезот на нискотарифните авиокомпании генерираше раст на бројот на патници и на бројот на операции.Македонија сега има директна авионска до следниве дестинации: Загреб, Дубаи, Белград, Љубљана, Истанбул, Виена, Цирих, Лондон, Венеција, Малме, Базел, Ајндховен, Дортмунд, Милано, Минхен, Меминген, Стокхолм, Гетеборг, Брисел, Франкфурт, Келн, Париз, Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург, Фридрихсхафен, Берлин, Копенхаген, Братислава и Хановер.

За годинава се најавени  нови дестинации, повеќе летови, билети по поволни цени. Операторот со домашните аеродроми, „ТАВ Македонија“, соопшти дека се во тек преговори со германската нискобуџетна авиокомпанија „Еуровингс“, дел од групацијата „Луфтханза“. Во план е да се воведат нови линии Скопје – Минхен и Скопје – Дизелдорф. Претставник на компанијата веќе имал средба со раководството на „ТАВ Македонија“, со маркетинг – одделот на „ТАВ“ од Истанбул, со претставници на Владата и на туристичките агенции, што дава сигнал дека оваа компанија ќе ја додаде и Македонија во своето портфолио.

-Доколку преговорите завршат успешно, македонските граѓани не само што ќе добијат дополнителни воздушни врски до овие градови во Германија, туку ќе добијат и нови конекции во рамки на Европа, како и интерконтинентални конекции за летање, благодарение на код-шер договорот меѓу компанијата – мајка „Луфтханза“ и компанијата – ќерка „Еуровингс“ – објаснува генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

„Еуровингс“ лета кон повеќе од 140 дестинации во над 40 држави. Компанијата е веќе присутна во земјите од регионот, но нејзиниот главен белег се рутите до познати туристички дестинации.

Од 17 јуни почнува да функционира и новата авиолинија Скопје – Доха – Скопје на „Катар ервејс“. Со ова и Блискиот Исток се отвора за македонските граѓани.

-Се реализира уште едно залагање на Владата за зголемување на бројот на достапни авиолинии. Остануваме на истиот курс, со иста политика, а тоа е привлекување на нови авиокомпании што ќе понудат нови дестинации со пристапни цени на билетите, вели Владо Мисајловски, министер за транспорт и врски.

Се бркаат 2 милиона патници

Годинава се брка бројот од 2 милиона патници превезени преку македонските аеродроми. Оваа цел за малку не беше достигната лани, кога вкупно преку „Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“ беа превезени речиси 1,8 милиони патници, што претставуваше раст од цели 15% во однос на претходната година. За само една година, бројот на операции беше зголемен за 8,9% со вкупно 16 илјади 883 летови.

Бројот на патници расте од година во година, што покажува дека авионскиот транспорт стана многу подостапен за граѓаните во споредба со претходните години. На пример, во 2005 од двата аеродрома биле превезени вкупно 579.913 патници (525.983 преку „Александар Велики“ и 53.930 преку „Св. Апостол Павле“). Лани од скопскиот аеродром беа превезени 1.651.826 патници, а од охридскиот 142.550 , вкупно 1.794.376 патници.