Од акцијата „Ден на дрвото засади ја својата иднина“ преживеале само 21 отсто од вкупниот број пошумени садници

ЈП „Македонски шуми” во периодот од 2008 до 2016 година за Акцијата „Ден на дрвото засади ја својата иднина“ направило трошок од 771.489.331,8 денари, а преживеале само 21 отсто од вкупниот број пошумени садници.

Како што информирата од претпријатието, по направената анализа за процентот на прифат на садниците за период од 2008 -2016 година, утврдено е дека од вкупниот број на пошумени садници од 35.211.986 – преживеале 7.394.518 садници.

Од средствата што се потрошени од буџетот на  претпријатието, од кои 297.235.394,9 денари се исплатени од буџетски средства од Министерството за семјоделство, по програмата за проширена репродукција на шумите. Исто така,  31.976.705,00  денари се исплатени од Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој  за набавка на палми.

„Македонски шуми” од 2008 до 2016 година го спроведуваше проектот на Владата – „Ден на дрвото засади ја својата иднина“. „Во сите изминати акции досега ЈП „Македонски шуми“ беше задолжено да обезбеди садници за пошумување на утврдени локации. Бевме задожени да бaраме локации за пошумување покрај населени места и блиску до пристапни патишта, како и косини покрај автопатиштата и средишниот простор на автопатиштата, покрај езерата и сл.  Најчесто овие површини беа несоодветни за пошумување со шумски видови садници. Повеќето од површините се пошумувани повеќепати (во повеќе акции)“, информираат од компанијата.

„Сметаме дека, ако е потребно пошумување и озеленување на локации на нешумско земијште, еродирани терени, голини или друг тип  површини надвор од нашите редовни планови и законски обврски, потребно е истото да се изврши врз основа на изготвена и одобрена проект-програма. Во изработката на програмата да бидат вклучени експерти и стручни лица од областа, со цел да се овозможи подготвување на површините и пошумување со саден материјал кој ќе биде соодветен за истите, а пошумувањето да го вршат стручни лица“, информираат од ЈП „Македонски шуми“.