Грција од 1 јули 2027 година планира значително зголемување на данокот поврзан со купувањето недвижности за физички лица кои доаѓаат од земји надвор од Европската Унија, објавуваат грчки медиуми.

Photo by Dimitris Kiriakakis on Unsplash
Според информациите, стапката за купувачи од таканаречените трети земји би се зголемила од 3,09 отсто на 15,45 отсто. Промената би се однесувала на купување станбен имот, а целта на новиот режим е да се воведат построги даночни правила за купувачите кои не се државјани на земји членки на ЕУ.
Меѓу потенцијално засегнатите би биле и македонските државјани, бидејќи Македонија не е членка на Европската Унија. Грција е една од најпопуларните дестинации за купување недвижности меѓу граѓаните од земјава, особено во поширокиот регион на Солун и на Халкидики.
Сепак, висината на данокот, опфатот на мерката и начинот на нејзината примена треба да се разгледуваат во контекст на конкретниот вид трансакција и статусот на купувачот. Затоа, пред купување недвижност по стапувањето на новите правила, потенцијалните купувачи ќе треба да ги проверат актуелните грчки даночни прописи и условите што ќе важат за нивниот случај.
За граѓаните од нашат земја кои планираат да купат имот во Грција, промената би можела значително да го зголеми почетниот трошок на инвестицијата, доколку најавената стапка од 15,45 отсто биде потврдена и стапи во сила во предвидениот рок.