Од 29-ти мај до 1-ви јуни во Скопската чаршија, на кејот на Вардар и во Градскиот Парк – Skopje Light Art District 2019

ЈУ Универзална Сала и Град Скопје имаат чест да Ви го најават второто издание на фестивалот на светлината, Skopje Light Art District. Фестивалот, кој минатата година се одржа од 6-ти до 9-ти октомври, е замислен како надворешен фестивал со патека и стартна точка лоцирана во Старата скопска чаршија, која ќе води преку Кејот на Вардар сѐ до Градскиот Парк, каде ќе биде и финалната точка.

Дваесет и пет уметници, уметнички здруженија и уметнички групи од земјата и странство од 29-ти мај до 1-ви јуни, од 20:00 до 24:00 часот, на 18 локации ќе ги изложуваат своите дела, изведуваат своите претстави и перформанси и ќе им понудат на Скопје и скопјани едно ново, магично и необично доживување.

Со инсталации и настапи во многу бои и светлина, Skopje Light Art District и реномираните светлосни уметници кои ќе бидат дел од него, на присутните ќе им ги претстават фантастичните и митски суштетства и чудовишта кои магично излегуваат од крошните на дрвјата или се вешто скриени во некој дел од урбаната џунгла, светлечките дрвја, музичките перформанси, 3Д проекциите и уште многу други светлосни атракции. Фестивалот ќе биде збогатен и со посебен lounge дел за одмор, забава и дружење на посетителите, а ќе имаат можност да присуствуваат и на првиот 3Д мапинг натпревар, на кој уметници од земјата и од странство ќе се натпреваруваат за фестивалското гран при, наградата “Златко Славенски“.

Отворањето на фестивалот е закажано за 20:00 часот на 29-ти мај, во Куршумли Ан во Старата скопска чаршија, а посетителите ќе можат преку мобилна апликација и мапата на веб-сајтот на фестивалот (https://www.skopjelightartdistrict.com/), да се вклучат и самите да ги откриваат поставките преку предодредена патека, која ќе ги одведе до самиот финиш, во Градскиот Парк во Скопје.

Skopje Light Art District 2019 светлосниот фестивал е културно-уметнички настан во организација на ЈУ Универзална Сала, со поддршка на Град Скопје и ROCK проектот, како дел од Хоризонт 2020 програмата за истражување и иновации на Европската Унија.