Од 21 до 24 јуни на седум различни локации во градот ќе се одржи “Скопје Стрит Мјузик Фестивал 2018” кој ќе потсети дека добрата музика треба да е достапна за сите.

– Со концепт кој го нуди годинава, целта е, на граѓаните да им се овозможи на улиците и во своите маала да слушнат квалитетна музика, која инаку ја има само на официјалните сцени и во концертните сали. Со тоа, градот Скопје ќе се претвори во музичка сцена под отворено небо. Воедно, овој фестивал го следи форматот на музички фестивал, со што се стреми да го вброи Скопје на мапата на познатите музички фестивали. За време на фестивалот посетителите ќе можат да слушнат Рок енд Рол, Џез, Боса Нова, етно, класична и филмска музика. Покрај тоа ќе настапат и специфични состави со француски шансони, еврејска музика и хорско пеење. На репертоарот ќе биде застапена авторска музика, но и преработки на познати песни. Во исто време присутните, особено помладите, ќе можат да се запознаат со различни музички инструменти, некои од нив и многу ретки и несекојдневни. На отворен простор, а не во концертна сала ќе може да се видат најразлични инструменти како ксилофон, вибрафон, акустично пијано, бандонеон – велат организаторите.

Изведувачите, каде се вбројуваат познати уметнички имиња, но и аматери, се избрани по пат на конкурс, од страна на селекторот на фестивалот. Учество ќе земат вкупно 24 артисти, групи и ансамбли.

Изведувачи ќе настапуваат на Плоштад Македонија, Градски Парк, ТЦ Лептокарија, Паркот кај авиончето во Ново Лисиче, Плоштад Скендербег, платото пред Универзална сала и Боемска улица. Настапите ќе започнуваат во 18, 20 и 22 часот, а на последниот ден од фестивалот настапите ќе почнат во 12 часот. Ко-организатор на фестивалот е Конгресен центар Александар Македонски, а покровител е Град Скопје.