Од 15 до 19 мај ќе се одржи литературна манифестација „Илинден 2018“

Во насока на промовирање на современите културни достигнувања, општина Илинден од 15 до 19 мај ќе ја организира 19-тата Литературна манифестација „Илинден 2018“.

Манифестацијата свечено ќе биде отворена на 15 мај, со почеток во 19 часот, во домот на култура „Илинден“, а централниот настан – Поетски митинг „Стихови за душата“ ќе се случи на 18 мај со почеток во 19 часот, со настап на триесеттина писатели од Македонија и од балканските држави.

Како дел од манифестацијата во Домот на културата „Илинден“ од 15 до 18 мај под мотото „Денови на книгата“ ќе се одржи саем на книгата, каде што љубителите на пишаниот збор ќе можат да се запознаат со најновите изданија и да најдат богат избор на книги.

– Во рамките на манифестацијата ќе се одржи промоција на книгата „Триптих за Македонија“ од Раде Силјан, како и промоции на книги од млади автори.

Пред љубителите на пишаниот збор ќе биде претставен портретот на словенечкиот писател Милан Јазбец, актуелен амбасадор на Република Словенија во земјава, при што стихови од поетската книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ на словенечки и македонски јазик ќе читаат членови на Словенечкото друштво за пријателство во Република Македонија – информираат од општина Илинден.

Литературната манифестација ќе биде збогатена со Книжевна средба со поетите на Седумдесетите години: Веле Смилевски, Ефтим Клетников, Ристо Лазаров, Санде Стојчевски, Катица Ќулафкова, Бранко Цветковски и Славе Ѓорго Димовски.
Дел од манифестацијата е и традиционалното Литературно матине за деца, на кое ќе настапат повеќемина писатели за деца и млади. На Литературното матине ќе бидат доделени награди и пофалници за најуспешните творби на учениците, пристигнати на литературниот конкурс распишан од општина Илинден.

Општината организира превоз за сите оние што сакаат да присуствуваат на отворањето на Литературната манифестација на 15. мај, како и на Поетскиот митинг „Стихови за душата“ на 18. мај. Од Порта Македонија, во центарот на Скопје, во 18 часот ќе поаѓа автобус кој ќе ги превезува посетителите на Манифестацијата до општина Илинден и ќе ги враќа кога ќе заврши вечерниот настан, што почнува во 19 часот. Влезот за сите културни настани е слободен.

air max 90 essential sale