Од 139 до 450 денари за тегла - колку чини ајварот низ скопските маркети?

Сезоната на подготовка на традиционалната домашна зимница е во полн ек, но растот на цените како да ги предомислува домаќинките да готват ајвар, па така се прават пресметки - дали да се купи готов или да се прави дома. 

Производителите на пиперката ајварка претходно порачаа дека граѓаните ќе имаат поевтин ајвар само ако оваа омилена зимница ја подготват до средината на овој месец септември, бидејќи до тогаш пиперките може да се купат по цени кои се прифатливи.

Ајварскиот пипер периодов може да се најде по цена не пониска од 38 денари по килограм, зависно од сортата и квалитетот. 

Во просек, цената на ајварките сезонава е околу 40-50 денари. 

Според земјоделците производството на оваа пиперка годинава е зголемено во споредба со лани, но родот е намален заради екстремно високите температури и врнежите кои го зафатија регионот летово. 

Пресметките покажуваат дека едно просечно четиричлено семејство за подготовка на ајварот купува 50 килограми пиперки. Кога ќе се додадат и маслото, како и дрвата потребни за печење на пиперките, излегува над 3.000 денари за една тура од овој деликатес.

Инаку, од 50 килограми пиперки во просек се добиваат околу 28 тегли ајвар.

Ако на сметката се додаде и работната рака и еден до два дена потрошени за правење, тогаш ајварот навистина е скапа зимница, но и покрај тоа е дел од трпезата на секое македонско семејство.  

Низ маркетите цената на килограмска тегла ајвар чини од 139 денари, во Кам маркет, до 449 во Рамстор. Во Стокомак, Кипер и Тинекс може да се најде тегла ајвар по цена околу 210/20 денари. Се позастапени се и огласите за продажба на домашно приготвен ајвар по цена од 250 денари за тегла.