Од 1.200 евра за комплетен семеен одмор во турските летувалишта, интерес има и за Египет

Во пресрет на летната туристичка сезона, веќе на големо се разгледуваат понудите кои ги нудат туристичките агенции и се прават пресметки за претстојното уживање покрај море.

Мај традиционално е месец кога веќе посериозно се разгледуваат можностите и желбите за летување. Албанија и Грција се чест избор на Македонците. Во Црна Гора, сезонава е нешто поскапо за разлика од претходните години. Турција и Египет исто така се сѐ почест и популарен избор за одмор.

- За Анталија неделно има 7 чартер летови, Бодрум два пати неделно и Хургада пати пати неделно. Комбинациите на понудите се од 6 до 14 ноќевања. Традиционално нашата агенција веќе години наназад ја нуди Анталија како главна летна дестинација, вели Харис Меџедовиќ, менаџер во „Фибула травел“.

Тој појаснува дека нивната агенција нуди повеќе од 600 хотели, на база се вклучено, па така за просечен семеен одмор за четири лица, цената започнува од 1.200 евра па нагоре, во зависност од категоризација на хотелот, дали е 3, 4 или 5 ѕвезди хотел.

Дел од овие хотели во Турција поточно над 200 хотели, нудат аранжмани за две деца бесплатно.

Се поголем број Македонци се одлучуваат да „да се почестат“ и со некое егзотично искуства на некоја подалечна дестинација.

- Во врска со егзотичните дестинации, имаме понуди за Малдиви, Сејшели, Бора Бора, Маурициус, Тајланд... Имаме повеќе типови на туристи, но поголем дел од тие туристи се парови, добро знаеме дека егзотичните места како Малдиви, Сејшели се познати како дестинации за парови или поточно кажано брачни патувања, вели Меџедовиќ и додава дека интерес за овие патувања има и во зимските месеци.

Што треба да знаете пред да тргнете на патување, освен што ќе го резервирате и уплатите аранжманот преку туристичката агенција?

Според општите услови на патување, секој патник треба да си ги провери патните документи, поточно пасошот. При секоја направена резервација, агенцијата ги известува странките да си го проверат пасошот кој мора да е валиден минимум 6 месеци од датумот на враќање. Исто така важна документација која треба да ја поседува секој патник е Здраственото осигурување.

- На крај, секој наш клиент, треба да одпатува со позитивна енергија, затоа што, ако тие се среќни, среќни сме и ние, вели менаџерот.