
Десет возачи се лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“, од кои девет управувале автомобили без положен возачки испит.
„Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишија од слобода 10 возачи поради сторено кривично дело ‘безобѕирно управување возило’ по член 297-а од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Од нив, без положен возачки испит возеле Е.И.(22), А.Д.(35) и Г.М.(38) од Скопје, Ш.Р.(22) од село Света Петка, скопско, Ш.С.(43) и А.П.(24) од Куманово, Ј.К.(18) од село Богородица, гевгелиско, М.Е.(45) од село Здуње, гостиварско и Г.В.(60) од Битола.
Триесетгодишната Е.Д. од струшкото село Делогожда, пак, била лишена од слобода бидејќи управувала патничко возило во спротивен правец.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, апелира МВР.