Од 1 март граѓаните ќе купуваат струја на слободен пазар

Дали цената на елекричната енергија ќе порасне, не може да се гарантира, вели вицепремиерот Анѓушев. Тоа ќе влијае од светските берзи.

Домаќинствата на располагање ќе имаат 26 лиценцирани снабдувачи, но доколку не се одлучат ниту за еден од нив, Владата ќе им обезбеди универзален снабдувач чија задача ќе биде да ги заштити граѓаните од ценовните шокови.

Во рамки на МЕПСО ќе има  и посебна единица, за организиран пазар. Каде граѓаните ќе можат да тргуваат со струја по принципот од денес за утре. Првите резултати од оваа мерка се очекуваат за шест месеци.

Воспоставување централизирано место на кое учесниците на пазарот ќе можат да продаваат и да набавуваат електрична енергија блиску до реалното време е предизвик за нашето работење, изјави директорот на ОПЕЕ на МЕПСО, Симон Шутиновски.

- Пазарот во Македонија е можеби мал, но е многу добро поврзан со соседните со помош на интерконекциски врски на АД МЕПСО. Нашиот енергетски систем е поврзан со 400 кВ на ниво со Бугарија, Грција, Косово и Србија, додека интерконекциската врска со Албанија ќе следува во наредниот период, додаде Шутиновски.

Неодамна на самитот во Бугарија потпишан беше и меморандум за соработка – помеѓу Македонија и Бугарија, за заедничко тргување со струја.