Од 1 мај во УЈП Скопје средба со даночник само со закажување по телефон или имејл

Скопјани кои ќе сакаат да се консултираат со даночен службеник за одредени прашања, од 1 мај ќе мораат да закажат средба со него по имејл или по телефон.

За Скопје од 1 мај, а за другите градови во државата од 1 јануари, следната година Управата за јавни приходи стартува со услугата “Закажи средба#, која е задолжителна, доколку граѓанин, претставник на фирма или сметководител сака да се види лице в лице со даночен службеник.

Како што инфомрираат од УЈП, закажувањетои се врши телефонски, на броевите 0800 33 000 и 02 3253 200 или преку веб страницата на Контакт центарот контактцентар.ујп.гов.мк, со оставање на име, презиме, матичен број или даночен број ако се работи за фирма, барање на услугата и договарање на термин за средба. Закажувањето се врши во работното време на УЈП до 17 часот, а средбата може да се договори и за попладне.

Според одговорните во регионалната дирекција Скопје во тест периодот од 1 декември лани до сега се успешно закажани и реализирани 100 средби. Сите вообичаени услуги граѓаните и фирмите и понатаму можат да ги добиваат на осум шалтери во контакт центарот, а доколку сакаат директни консултации со даночниците преку закажување термин, во скопската даночна дирекција има уште осум, таканаречени позадински шалтери, така што во исто време може да се закажат средби со осум лица. За секое лице се предвидени по 15 минути, па во текот на денот можат да се опслужат голем број граѓани.

Средба може да се закаже најрано следниот ден по јавувањето, па се оценува дека со ова ќе се расчисти метежот на шалтерите во УЈП, а даночните службеници ќе имаат време да се подготват, да ги разгледаат документите и добро да го информираат обврзникот кој им се обратил.