Од 1 јуни плаќање во кеш до 500 евра

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека забраната, која ќе стартува од 1 јуни, е многу рестриктивна и ќе го отежни бизнисот. Тие веќе подолго време бараат плаќањето во кеш да биде дозволено на поголеми суми, а како пример ги наведуваат земјите од Европската Унија, каде прагот е по неколку илјади евра.

Навиките на Балконот е да се плаќа во кеш. Ние занеме дека потрошувачите ќе бараат алтернатива за ова ограничување. Ако ги стават парите во банка ќе плаќаат провизии на тоа. Тоа значи дека потрошувачите ќе бараат алтернативни пазари како Косово, Србија и Грција, рече Дриљон Исени, извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Намалувањето на прагот најмногу ќе го почувствуваат трговците со бела техника и мебел. Нема да може, на пример, да се купува телевизор во готово кој што чини над 500 евра.

Од Министерството за финансии, пак, велат дека плаќањето преку банка треба да ја намали сивата економија во земјава.

Одредбите за ограничување на кеш исплатите се дел од борбата за спречување на перење пари и намалување на сивата економија. Борбата против перењето пари и т.н. „сива економија“ е една од клучните насоки и барања од страна на Европската унија во нивните извештаи, соопшти Министерството за финансии.

Ова не е првпат да се намали прагот за плаќање во готово. Лани беше до 2 000 евра, а во јануари се намали на 1000 евра. Забраната важи за плаќањата и на физичките и на правните лица.