Oд 1 декември најлонските ќеси во продавница ќе чинат 15 денари

На денешната седница на Собранието на РСМ беа усвоени Законот за управување со отпадот, Законот за управување со пакување и отпад од пакување, Законот за управување со дополнителни текови на отпад и Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад.

Гласањето за овие четири закони следи откако во август годинава од пратениците беа донесени Законот за управување со батерии, акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и Законот за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, објави meta.mk.

Овие шест закони за управување со отпад ќе имаат конкретно влијание врз граѓаните и компаниите во земјава. Меѓу бројните промени, од 1 декември 2021 година пластичните ќеси кои граѓаните ги купуваат по продавници ќе чинат 15 денари по парче, со што треба да се дестимулира купувањето на ваквите производи што ја загадуваат околината. За средствата од продадените пластични ќеси трговците ќе мора да водат евиденција по квартали, а надоместоците ќе треба да ги уплаќаат на посебна сметка на органот за животна средина.

Исто така, од 1 декември 2021 година ќе се забрани за користење пластичното пакување за еднократна употреба во угостителските објекти што се наоѓаат во заштитените подрачја во земјава.

Целокупната законска материја за управување со отпад е обемна, а Европската комисија уште во минатогодишниот Извештај за напредокот на нашата земја кон ЕУ упати критика дека законите за управување со отпад не се донесени. И покрај тоа што овие закони владата ги усвои на крајот од минатата година, тенкото собраниско мнозинство на власта и блокадата на Собранието на РСМ го одолговлечи нивното донесување.