Очекуваме полни трибини и победа во дуелот против Словачка

Македонските кошаркари ја прифаќаат фаворитската улога во дуелот против Словачка, но потенцираат дека средбата нема да биде нималку лесна, па затоа поддршката од трибините ќе биде и тоа како потребна. 

 По победата во првата меѓусебна пресметка на гостински терен (74-66), македонските кошаркари со право ја имаат улогата на фаворит против Словачка, која веруваат дека ќе ја оправдаат во неделниот меч.

 „Не очекува меч во кој нема што да калкулираме, одиме на победа. Сигурно дека треба да одиграме добро. По победата во Словачка, мора да славиме и дома, да направиме исчекор погоре, односно да се вратиме таму каде и реално припаѓаме. Утре ќе решам кои 12 играчи ќе бидат во составот. Очекувам добра игра и победа. Би сакал да ја повикам публиката да ја исполни салата и да ја поздрави нашата победа “, изјави селекторот Давитков. 

 И капитенот Војдан Стојановски предупредува дека не смеат да се опуштат, мора да одиграат максимално доколку сакаат да дојдат до третата победа во претквалификациите и да го осигураат врвот.

 „Сите знамеме колку е важен мечот. Нема да биде лесно, мора да одиграме максимално. Најважно е да не се опуштаме и од самиот почеток да играме максимално ангажирано. Верувам дека на крајот ќе се радуваме“, истакна капитенот. 

 Инаку Словаците беа поразени на гостувањето во Швајцарија и тоа по продолжението, па сега се на последното место на табелата со два пораза, зад Швајцарија која има скор 1-1 и Македонија која е прва со две победи. 

 Натпреварот Македонија – Словачка ќе се игра во недела во  „Јане Сандански“, со почеток во 20 часот и 15минути, а влезот за истиот ќе биде бесплатен.