Обвинителството отвори предмет по допрен глас за работење на приватна болница

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас во врска со евентуални незаконитости во работењето на една приватна болница од Скопје.

Предметот, како што соопшти Јавното обвинителство, е отворен по следење на написите во медиумите за извршени лекарски интервенции на срце и крвни садови во една приватна болница согласно кои приватната болница злоупотребила склучен Договор за кардиоваскуларни работи со Фондот за здравствено осигурување.

Како што посочуваат од Обвинителството, постојат индиции дека дел од наплатените интервенции се фиктивно извршени од страна на болницата, како и дека за ист пациент и за ист вид интервенција се вршени по неколку наплати од Фондот.

Надлежен јавен обвинител ги презема сите неопходни дејствија во насока на утврдување на фактите во предметот.