Поведена е постапка против едно лице од страна на велешкото обвинителство поради сомнение дека е извршено насилство. Имено осомниченото лице извршил семејно насилство и ја повредил неговата сопруга со која не живее заедно и каде во тек е бракоразводна постапка.
„Во домот на родителите на жртвата осомничениот отишол за да го земе на видување нивното шестмесечно бебе, но започнал да и се заканува на жената, а потоа и физички ја нападнал и почнал да ја дави за вратот.
Таа претходно повеќе пати го пријавувала за семејно насилство, а против него во тек е и судска постапка за неизвршување на судска одлука“, се вели во соопштението.
Од Обвинителството посочуваат дека е поднесен предлог за определување мерка притвор до судија на претходна постапка поради ризик да се повтори делото или да се даде во бегство со оглед дека членови на неговото потесно семејство живеат во странство.