Обвинителство: Осуммина осомничени за учество во толпа пред Собранието

Основното јавно обвинителство Скопје, во врска со настаните пред Собранието на 5 јули, поведе постапка против осум полнолетни лица, за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничените за време на јавен собир на граѓани, учествувале во толпа и заеднички дејствувале така што започнале да ја влечат заштитната метална ограда поставена од МВР. Откако ја оттргнале оградата, со тврди предмети – камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци, пиротехнички средства и молотови коктели започнале да фрлаат кон зградата на Собранието“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Притоа, на еден полициски службеник му нанеле тешка телесна повреда, а на 27 полицајци распоредени во полициски кордон за заштита на зградата на Собранието и чување на јавниот ред и мир, им нанеле телесни повреди. Со дејствијата осомничените ја оштетиле фасадата на Собранието, искршиле прозорци, го искршиле објектот за обезбедување поставен од МВР, оштетиле полициска опрема и едно полициско возило.

Надлежниот јавен обвинител оцени дека постои опасност осомничените да се дадат во бегство или да го повторат делото, па до судијата на претходна постапка достави предлози за определување притворска мерка за осомничените.

„Од осумтемина осомничени, шест се на возраст меѓу 18 и 22 години, еден е на возраст од 30 и еден на возраст од 36 години. За настанот се пријавени и три малолетни лица, за кои постапката ќе се води согласно Законот за правда за децата“, информираат од Јавното обвинителство.