Обвинителство: Имаме материјални докази дека Палевски ги извршил убиствата

Обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска во својата прва изјава пред медиумите непосредно пред почетокот на судењето за убиствата на Вања и Панче велат дека имаат материјални докази кои ќе ја потврдат поврзаностана на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо со убиствата. Тие исто така ја прокоментираа новата изјава на обвинетиот Влатко Кешишев.

„Изјавата на Кешишев во оваа фаза на постапката нема доказна вредност согласно Законот за кривична постапка. И тој и другите обвинети на крајот од судската постапка ќе имаат право да дадат своја одбрана која ќе биде подложена на прашања од двете страни и на Обвинителството и на одбраната, и би требало да се разјаснат сите околности. Обвинителството смета дека од сите докази произлегува основаноста на обвинението“, рече обвинителката Стојковиќ Димитровска.

Според обвинението, Кешишев ја однел полицијата до местото каде биле закопани жртвите и претходно изјавил дека Палчо е сторителот.

Судењето продолжува со испитување на сведоци предложени од обвинителството, а потоа ќе се разгледуваат материјалните докази кои треба да ја утврдат вината на обвинетите.