Обвинителен акт против 11 лица во предметот „Шпански скали“

По сеопфатна истражна постапка што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја започна во јуни годинава, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје достави обвинителен акт против 11 лица во предметот „Шпански скали“. На обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а едно од лицата е обвинето за сторено кривично дело – несовесно работење во службата.

При спроведувањето на истражната постапка, како што е наведено во соопштението од Јавното обвинителство, е утврдено дека во временскиот период од 21.12.2010 година до 08.08.2018 година, првоообвинетиот заедно со петмина административни службеници, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште и не иницирале постапка за раскинување на Договорите за оттуѓување на градежно земјиште и враќање на градежното земјиште во сопственост на Р.М, ниту наплатиле договорна казна со што овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист.

Во предметот се обвинети и две службени лица кои вршат работи од јавен интерес и кои со неизвршување на својата службена должност, постапиле спротивно на Договорот за оттуѓување и Законот за нотаријат, едно лице, сопственик на правно лице, кое како соизвршител со особен придонес учествувало во извршување на делото доставувајќи вешти наоди и мислења изготвени по негово барање со прикажана состојба на земјиштето спротивно од констатираното од страна на Општина Центар, едно лице кое  во својство на службено лице неводејќи сметка за имотните права и интереси на државата и неизвршувајќи ја својата службена должност, постапило спротивно на одредбите од Законот за државното правобранителство, како и едно службено лице кое со пропуштање на должен надзор – без да утврди дека во приватната исправа – Договорот за оттуѓување на градежно земјиште било предвидено прибележување на реален товар над земјиштето во корист на оттуѓувачот, несовесно постапило во вршењето на своите овластувања и не ги почитувало одредбите од Законот за катастар на недвижностите, по кои било должно да постапува.

Со своите дејствија, како што велат од Обвинителството, обвинетите предизвикале штета на Буџетот во вкупен износ од 163.513.868,00 денари.