Обука за медиумски работници за правилно известување за родово базирано насилство

Правилното медиумско известување за случаите на родово базирано насилство е значаен дел во борбата против истото. Многупати се забележани случаи кога ваквите написи се полни со стигма, но и со лошо избрани зборови.

Токму поради тоа граѓанската организација ХОПС - Опции за здрав живот, заедно со партнерите Коалиција Маргини и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство организираат пакет-обуки за медиумска писменост на оваа чувствителна тема. Тие објавија јавен повик за учество на обуки за унапредување на знаењата и вештините кај медиумските професионалци во областа на родово базираното насилство и насилството врз жени и девојчиња, но и за улогата на медиумските работници во борбата и сузбивањето на насилството врз жените.

Најпрво овие обуки ќе бидат наменети за новинари и медиумски работници од Скопје, а дополнително ќе бидат организирани и регионални обуки, во зависност од заинтересираноста. 

По завршувањето на обуките, постои можност за ангажман за креирање на стории поврзани со темите од обуките, за бруто паричен надомест од 3.000 денари по лице. Лицата кои ќе работат на оваа задача ќе бидат избрани по завршувањето на сите планирани обуки, согласно систем на избор од страна на експертите обучувачи.

Во првиот циклус ќе бидат спроведени вкупно две обуки во Скопје кои ќе траат по три дена. Се работи за исти обуки, но во два различни термини а учесниците може да изберат еден од наведените термини за да се пријават, и тоа:

Прва обука од 10ти до 12ти Март 2021 – линк за пријавување за овој термин тука – пријавување најдоцна до 08.03.2021, до 16.00 часот

Втора обука од 24ти до 26ти Март 2021 – линк за пријавување за овој термин тука – пријавување најдоцна до 17.03.2021, до 16.00 часот

Поради типот на обуките и начинот на изведување на истите за да се постигне квалитетот кој е планиран според специјално дизајнираните Модули, бројот на учесници е строго ограничен. Обуките ќе бидат организирани согласно сите важечки мерки и протоколи за организирање на настани за намалување на ширењето и заштитата од ковид-19.

Трошоците за присуство на обуката, оброци и освежување за време на обуката – се на товар на организаторот.

Сите останати информации се достапни тука