Образованието е за сите, освен за децата - училиштен психолог од Скопје со искрен став!

Коментарот на психологот Иван Христов, вработен во едно училиште во Скопје, стана вирален хит. Многумина го споделуваат токму затоа што се согласуваат со напишаното. 

Ви го пренесуваме во целост!

-Секој ден се лутам кога ќе се присетам како нашето образование го заборава менталното здравје. Ниту програми, ниту работилници, ниту соодветни луѓе. Се јадам и себе си како училиштен психолог. Крадам време од табели, процедури и статистики за да бидам со децата. Сеуште во училиштата децата се ресурс, а не корисници на услуги. Образованието е за сите освен за нив. Тие како да се тука само за да врти тркалото на лудило. Изгубени се и тие и наставниците а очигледно и сите кои го поставуваат системот. Со секој ден во школо губам надеж за иднината на децата. Постојат златни луѓе кои како зрак во темна самица се тука за децата. Системот не им верува и ги става во кош со сите. Системот нѐ разболува. Да си здрав е борба, напор, сага. На децата и на родителите само им препорачувам да не го сфаќаат образованието пресериозно. Да бидат весели и здрави. Бидејќи заглавување во болно образование може да донесе само болест на душата.