На 31. Октомври ќе се знае кој од двајцата кандидати, Данела Арсовска или Петре Шилегов, ќе биде нов градоначалник на Град Скопје. Што предлага секој од нив во однос на политиките и мерките за младите?
Кај Арсовска четврта клучна област е образованието и фокусот на младите. Кандидатката се обврза да биде предводник во изградба на модерна образовна инфраструктура и современи услови за учење според ЕУ стандарди. Таа најави и еднакви можности за образование за сите (стипендии за ученици и студенти од социјално загрозените семејства, грижа за учениците со попречености), но и силни инвестиции во наставниот кадар.
Во истата област, Арсовска најави и модернизација и реконструкција на постоечката градска библиотека „Браќа Миладиновци“.
-Ќе вложиме во набавка на информатичка опрема за секој ученик и наставник. Ќе им помогнеме и на младите кои сакаат да почнат свој бизнис. Во рамки на Младинскиот културен центар, преку процес на социјално претприемништво и во соработка со невладиниот сектор, ќе започне со работа Центар за младинско претприемништво.Овој центар ќе помогне за конекција на младите и инвеститорите, вели предизборно Арсовска.
Нејзиниот протикандидат Шилегов пак, најавува стипендии, 50% поевтин оброк и бесплатен превоз за портидипломците и докторантите од Скопје.
-Во пакетот финансиска поддршка се вклучени и младите кои се движечката сила на градот. Ги поддржуваме во личниот и професионалниот развој. На сите постдипломци и докторанди кои студираат во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси. Со тоа ги поттикнуваме да бидат поактивни во своите обврски и релаксирани во планирањето на својата мобилност низ градот. Учениците од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште. Оброкот го правиме подостапен за секое дете и поттикнуваме исхрана во училиштата, вели Шилегов.
Тој потеницира и дека ќе доделуваат 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети.