Облека од втора рака: Скопјани и за 600 денари можат да се облечат од глава до пети во некои од ултра познатите брендови

Скопјани и за 600 денари можат да се облечат од глава до пети во некои од ултра познатите брендови, како „Хуго Бос" или „Армани". Овие парчиња брендирана облека за многу пониска цена ќе ги најдете во продавниците за стара облека или позната кај граѓаните како секнд хенд (втора рака).

 Изминатите десет години, овој вид на пазарење е табу тема за жителите на главниот град, но такви продавници се уште постојат, а голем број луѓе се облекуваат таму. Најчести посетители во овие продавници се повеќечлените семејства, но и млади луѓе кои сакаат да бидат во тек со модата и да носат брендирана облека за малку пари.

Трговците кои се занимаваат со ова велат дека во последно време луѓето веќе се привикнале на идејата да купат облека на старо и се уште го надминуваат срамот.

Се случува граѓани да погледнат двапати околу себе пред да влезат или откако ќе разгледаат, со брзина на светлината да излезат од продавницата без да ги види некој.

Во овој тип продавници може да се најде зимска јакна за 500 денари, а женски или машки фармерки од 180 денари. Цената зависи од материјалот, сочуваноста и брендот на производот. Најскапа облека е онаа што е целосно зачувана и изгледа како да е нова.

Продавниците за користена стока, остануваат преполни, а сопствениците се надеваат дека Скопјани ќе ги надминат предрасудите и нема да се срамат да кажат дека облеката која ја носат е брендирана, но евтина и купена од втора рака.