Објавени имињата на 1000 граѓани кои добија субвенции за ПВЦ прозорци

Министерството за економија го објави списокот со имињата на добитниците на субвенции за вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци, коишто се пријавија преку јавниот повик, распишан во мај годинава.

По околу 25 илјади денари ќе добијат над 1.000 домаќинства во земјава. На оваа листа од Гостивар се само две.

Домаќинствата добиваат до 50% од платената сума, но не повеќе од 25 илјади денари, а услов е прозорците да биле купени и монтирани во периодот од 17 мај до 30 јуни 2019.

Целиот список можете да го видите на следниот ЛИНК

Мерката за доделување на надоместок за ПВЦ или алуминиумски прозорци е дел од Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година. Министерството за економија соопшти дека согласно измената на Програмата, Владата одобрила дополнителни средства во износ од 14.700.000,00 денари за субвенции за ПВЦ и алуминиумски прозорци.

Ова значи дека објавената листа е делумна, а комисиите ќе продолжат со разгледување на пристигнатите барања заклучно со 30.06.2019 година по принципот “прв дојден прв услужен“, се до искористување на предвидените средства за оваа намена.