Објавена втората збирка раскази „Скопје, ти раскинуем“

Втората збирка раскази на Тамара Јолевска Попов по истоимениот расказ „Скопје, ти раскинуем“ деновиве излезе од печат. Книгата е во издание на ПНВ Публикации од Скопје. Збирката содржи 40-тина раскази посветени на Скопје како хронотоп.

Книжевниот теоретичар Душко Крстевски во поговорот кон книгата ќе заклучи: „Оваа книга е совршена џебна енциклопедија на љубовта, урбаната егзистенција, стравовите, кошмарите и созерцанијата. Со оваа книга Тамара дефинитвно „раскинуе“ со Скопје, но не и со нејзините читатели“.

Тамара Јолевска Попов е родена на 30 март 1987 година во Скопје. Средното образование го завршува во уметничкиот колеџ „Бромсгроув“ во Бирмингем, Велика Британија. Дипломирала англиски и шпански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирала англиски јазик на Универзитетот „Американ Колеџ“ Скопје. Долги години е присутна и на независната уметничка сцена.

Автор е на збирката раскази „Ге-дур“ (2013, ИЛИ-ИЛИ) и на неколку необјавени драмски текстови. Во моментов работи како лектор на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје.