Објавен оглас за прием на 125 професионални војници во Армијата на Република Македонија

Министерството за одбрана на Република Македонија објави оглас за прием на 125 професионални војници на служба во Армијата на Република Македонија за работа на определено работно време со договор за вработување во времетраење од три години со можноста за негово продолжување повеќе пати, но најмногу до навршување на 45 години возраст по избор согласно закон.

Воедно, Министерството за одбрана ги повикува и охрабрува девојките и жените кои ги исполнуваат условите да се пријават на јавниот оглас за прием на професионални војници во Армијата на Република Македонија.

Кандидатите за прием на професионални војници на служба во Армијата на Република Македонија, меѓу другото, треба да се државјани на Република Македонија, да се полнолетни и да имаат посебна здравствена и физичка способност, да имаат завршено средно образование, да имаат завршено доброволно служење на воениот рок и да не се постари од 25 години на денот на завршувањето на огласот за прием на професионални војници.

Платата изнесува од 20.000 денари до 24.000 денари.

-Во постапката за избор, проверката на физичката и здравствената способност на кандидатите за професионални војници на служба во АРМ, ќе биде извршена од страна на посебни комисии формирани од министерот за одбрана.

Кандидатите ќе подлежат на тестови за проверка на физичката подготвеност согласно Правилникот за начинот на одржување и проверка на физичката способност на активниот воен персонал, а при вработувањето ќе се води сметка за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници со почитување на критериумите на стручност и компетентност, се вели во огласот.

Кандидатите за професионални војници на јавниот оглас може да се пријават преку електронска пошта во Министерството за одбрана јавеногласпфвЖморм.гов.мк со пополнување на образецот Пријава за кандидати за професионални војници на служба во АРМ. Пријавата може да се превземе од интернет страната на Министерството за одбрана.

Од Одбрана потсетуваат дека некомплетните и ненавремено доставени документи нема да се земаат во предвид.

Сите денешни вести прочитајте ги тука.