Објавен Конкурсот за доделување стипендии на студентите

Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за доделување стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во земјава за студиската 2017/2018 година.

Министерството за образование и наука за академската 2017/2018 година ќе додели вкупно 2.890 стипендии, поделени во неколку категории.

Согласно Конкурсот, ќе бидат доделени 1.500 стипендии за студенти од социјални категории, како и 630 стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето, и тоа за студенти запишани на техничките факултети и медицинските науки кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година од најмалку 8.50, а за студентите на факултетите од општествените науки и на факултетите од уметностите да имаат постигнато најмалку 9,00 просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година.

За студентите запишани на студиските програми по информатика ќе бидат доделени 125 стипендии од кои 105 стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните универзитети и високообразовни установи и 20 стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на приватните универзитети и високообразовни установи.

530 стипендии се обезбедени за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки и кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година најмалку 7,00 просечен успех, додека 105 стипендии ќе бидат доделени на студенти, запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи, кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година најмалку 7,00 просечен успех, а се запишани на студиски програми по хемија, физика и математика.

Висината на стипендијата за Прва група – стипендии за студенти од социјални категории изнесува 3.300 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.

Висината на стипендијата за Втора група – стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето и кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година на техничките факултети и медицинските науки од најмалку 8.50, а за студентите на факултетите од општествените науки и на факултетите од уметностите да имаат постигнато од најмалку 9,00 просечен успех изнесува 4.400 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.

Висината на стипендијата за Втора група – стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето од најмалку 9,00 на студиските програми по информатика изнесува 6.050,00 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година. Висината на стипендијата за Трета група – стипендии за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки изнесува 3.300 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.

Висината на стипендијата за Трета група – стипендии за студенти запишани на студиски програми по хемија, физика и математика изнесува 18.000 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.