Објавен конкурс за откуп на необјавен и непоставуван македонски драмски текст на Министерството за култура

Министерството за култура, во соработка со Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, распиша конкурс за откуп на необјавен и непоставуван македонски драмски текст.

Како што соопштија од Министерството, целта на конкурсот е афирмација на современата македонска драма и збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори.

Право на учество имаат сите автори, државјани на Северна Македонија, кои може да конкурираат со најмногу два македонски драмски текста кои не биле објавени ниту поставени на сцена претходно.

Приоритет ќе имаат текстовите кои поттикнуваат и промовираат млади домашни драмски автори, текстови кои ја афирмираат современата македонска драма, иницираат зголемено учество на јавноста-интерактивност, активна публика, учество на млади и текстови кои отвораат актуелни општествени прашања.

Разгледувањето и оценувањето на пријавените текстови ќе го врши посебна Комисија од истакнати, стручни и компетентни лица именувана од министерката за култура, на предлог од Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

Комисијата во согласност со приоритетите и квалитетот на текстот ќе направи избор на најмногу три македонски драмски текстови.

Пријавата со потребната документација треба да се достави до Министерството за култура по пошта ( ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ббр.61, 1000 Скопје) со датум на поштенскиот жиг, или лично во писарницата на Министерството, секој работен ден до 15:30 часот.

Конкурсот ќе трае до 15 март оваа година, а драмските текстови пристигнати по наведениот рок нема да бидат разгледувани.

-Министерството за култура на авторите на откупените македонски драмски текстови, за откуп на авторските права за објавување и поставување на драмскиот текст, ќе им додели авторски надомест во нето-износ од по 120.000 денари., Неизбраните драмски текстови ќе им бидат вратени на авторите. Воедно ќе спроведе и соодветна постапка за објавување и поставување на откупените македонски драмски текстови, соопштија од Министерството.

За резултатите од конкурсот, подносителите на пријавите ќе бидат известени во согласност со Законот за култура.

Конкурсот и пријавата се објавени на веб-страницата на Министерството за култура.