Објавен јавен повик за пријавување на хотели за прием на гости со ваучери за туризам за работници со ниски приходи

Министерството за економија го објави јавниот повик за пријавување на интерес од страна на угостителските објекти за сместување за прием на гости кои ќе добијат потврда за одмор на работници со ниски приходи во вредност од 12.000 денари.

Право на учество на јавниот повик имаат сите категоризирани угостителски објекти за сместување (хотели) кои се лиценцирани и се во туристичките центри во земјава и туристичките агенции со А лиценца. Крајниот рок за аплицирање е 31 мај годинава, а вкупниот буџет за реализација на проектот е 15 милиони денари.

-Основна цел на оваа мерка е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор во туристичките центри во Република Северна Македонија, и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа, велат од Министерството за економија.

За пријавување на интерес, додаваат, угостителските објекти за сместување (хотели) и туристички агенции со лиценца А до Министерството за економија треба да достават пополнет образец за барање за пријавување на интерес (готов формулар).

-По пријавување на угостителските објекти и туристичките агенции, Министерството за економија ќе објави и јавен повик за сите лица кои сакаат да добијат ваучер за туризам во вредност од 12.000 денари. Ваучер за користење на одмор ќе добијат сите лица со ниски приходи кои што ќе аплицираат на јавниот повик, чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износ од 30.000 денари, прецизираат од Министерството.

Јавниот повик е објавен на веб страната на Министерството за економија: https://www.economy.gov.mk/doc/2970