Обезбедени средства за проекти за кои со години чекаа аеродромци - Митески со отчет за 100-те дена од мандатот

Во првите 100 дена од мандатот на градоначалникот Дејан Митески, општина Аеродром реализираше низа конкретни проекти и мерки насочени кон подобрување на секојдневниот живот на граѓаните, со посебен фокус на образованието, инфраструктурата, екологијата и поддршката за семејствата, информираат од локалната самоуправа на оваа скопска општина. 

Како што потенцираат, усвоен е најголемиот и најкапиталниот буџет во историјата на општината, со што се обезбедени средства за проекти кои долго време беа на листата на чекање.

- Во областа на образованието беше отворена нова училишна зграда на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин, спроведена е реконструкција на училишни објекти и започната е изградба на нова спортска сала, со што значително се подобрени условите за учениците и наставниот кадар. Аеродром стана првата општина во државата која воведе системска селекција на пластичен отпад во домаќинствата. Реализирани се активности за зазеленување на општината, поставени се фитнес зони на отворено, обновени се детски игралишта и исчистени се над 600 тони отпад и диви депонии, се наведува во отчетот. 

- Во делот на инфраструктурата, започна реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“, изградени се нови паркинг простори, а засилени се контролите на бучава и комуналниот ред, со цел подобрување на условите за живеење. Воведовме и социјални мерки, меѓу кои еднократна финансиска помош за новороденчиња и програмата „Нула комуналии – прв дом за млади“. Дополнително, општината воведе анонимен систем за оценување на работата на администрацијата и забележа значителен раст на индексот на отвореност, потврдувајќи ја определбата за транспарентно управување, велат од општина Аеродром.