Обезбедени 6.000 тони сол за зимско одржување на скопските улици

За претстојната зимска сезона за улиците во Скопје се обезбедени 6.000 тони индустриска сол, од кои 2.000 тони се залиха од ланската зимска служба. Обезбедени се и 300 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини, соопшти денеска Град Скопје потенцирајќи дека со јавните градски претпријатија се подготвени за зимската сезона.

Екипите на Град Скопје во зимски услови одржуваат коловозни површини од 2.600.000 квадратни метри.

ЈП „Улици и патишта” изготвува и предлага Оперативен план за функционирање на зимската служба и е носител на активностите за зимското одржување со целокупната механизација и расположливиот кадровски потенцијал. И оваа година Град Скопје ќе ангажира дополнителна механизација од 15 камиони од фирмата „Аполо”, кои се опремени со навигациски уреди.

Обезбедените материјали се складирани во трите пункта на ЈП „Улици и патишта” – асфалтната база на ЈП „Улици и патишта” во кругот на фабриката „Железара”, Стара механизација на ул. „Христо Татарчев” во Кисела Вода и во Ѓорче Петров на ул. „Лепенец”. Во пунктовите се организирани 24 часовни дежурства, а материјалите ќе се употребуваат согласно со временските услови.