Земјава ќе добие помош во износ од 15 милиони евра за имплементација на шемата „Гаранција за млади“, средства наменети за секторите образование и вработување и социјална политика, со цел организирање на системско вклучување на општините, компаниите, социјалните партнери и граѓански организации во процесот на спроведување реформи.
Проектот обезбедува комплементарна техничка помош на договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“, односно сеопфатна поддршка за капацитетите на клучните ресорни министерства и засегнати страни, како тековно системско следење и евалуација на процесот.
– Тоа што е најбитно да се знае е дека овие средства ќе се добиваат со обезбедување на докази за напредокот на реформите во секторот. Што се однесува до договорот постојат два услови кои што треба земјата да ги исполни со цел да се добијат средствата. Првата група се општи индикатори, станува збор за докази од типот на кохерентност, макроекономска стабилност, управување со јавни финансии, стабилност, буџетски полиси, расположливост на буџетот, со исполнување на овие услови земјата добива финансиска помош во износ од околу 20 проценти од износот во договорот, а од друга страна со исполнување на останатите индикатори ги добиваат преостанатите средства, појасни Галија Божанова, тим лидер на проектот.
Таа додаде дека вклучените страни во договорот ќе треба да обезбедат мониторинг, исполнување на условите и подготовка на извештај што ќе служи како еден вид на барање за финансиските средства.
Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“ на ИПА е предвидено да го поддржи спроведувањето на стратешката рамка за вработување на младите и стручното образование и обука од страна на институциите.
На брифингот беше истакнато и дека дополнителен буџет за техничка поддршка од 1, 5 милиони евра е обезбеден од ЕУ за поддршка на националните власти за зајакнување на нивните капацитети за спроведување на секторските реформи.
Според планот за спроведување на „Гаранција за млади“, МОН е одговорно за забрзување на образовните реформи кои се планирани на примарно, секундарно и терцијално ниво.
– Години наназад кога сме ги работеле ваквите проекти сме имале директен мониторинг, обезбеден од самите институции корисници, но во ова секторска буџетска поддршка не одиме согласно прагот на Европската комисија, туку преку националните легислативи и во тој дел ќе имаме голем предизвик, истакнаа од МОН.
Учесниците на брифингот потенцираа дека Северна Македонија е првата држава којашто иако не е земја членка на ЕУ ја воспостави шемата за „Гаранција за млади“, за да ги адресира вработувањето и невработеноста во општеството.
Следејќи го моделот на ЕУ со „Гаранција за млади“ предвидено е на младите лица што не се вработени и не се вклучени во образование или обука да им се обезбеди понуда за вработување, континуирано образование и обука или практикантска работа во рок од четири месеци откако ќе се стекнат со статусот невработени лица или откако ќе завршат образовен процес.