Обезбеден целосно бесплатен престој за дечињата Роми во предучилишното образование во Гази Баба

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше дека утрово, во Клубот на пратеници, го потпишал договорот за поддршка на проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“.

„Преку овој проект обезбедуваме целосно бесплатна инклузија и престој на дечињата Роми во предучилишното образование, затоа што веруваме дека секое дете заслужува да има еднаков почеток, еднаква шанса и еднакви услови за правилен раст и развој. Општина Гази Баба инклузијата на дечињата Роми ја спроведува во клоновите на ЈУДГ „25 Мај“, каде што најмалите ќе имаат можност секојдневно да учат, да се дружат, да создаваат нови пријателства и заедно со своите врсници да ги градат првите темели на своето образование“ истакна Стефковски.

Тој посочи дека за родителите, оваа мерка значи конкретна и директна поддршка, бидејќи тие се ослободени од плаќање на надоместокот за престој на нивните деца во детската градинка.

„Секое дете е важно. Секое дете има потенцијал. Секое дете заслужува можност. Токму затоа вложувањето во најмладите не е само обврска, туку и наша најголема одговорност кон иднината. Инклузијата започнува од најмали нозе. Кога децата растат заедно, се запознаваат, се почитуваат и си помагаат едни на други, тогаш создаваме генерации кои ќе бидат похумани, посолидарни и подготвени да живеат во општество во кое различностите се богатство, а не пречка. Предучилишното образование е еден од најважните чекори во развојот на секое дете, затоа што токму таму се стекнуваат првите навики, знаења и социјални вештини кои понатаму го трасираат патот низ целиот образовен процес“, нагласи градоначалникот.

Воедно, додаде дека како единица на локалната самоуправа, нивна обврска е да креираат услови во кои секое дете ќе може да расте, да учи и да напредува без разлика на својата припадност или социјален статус.