Обединување на студентите - „Студентски отпор“ и УСС утре заедно на марш

Своите права утре на марш, обединето ќе ги бараат Универзитетските студентски собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“.

-Борбата на студентите е заедничка и само сплотени и заедно ќе успеме да ги заштитиме нашите права - објавија од УСС на УКИМ.

Тие ќе бараат исполнување на нивните барања: издвојување средства од буџетот за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк и зголемување на сумата, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот на образованието и дигитализација.

-Ве очекуваме во четврток, по повод Меѓународниот ден на студентите, со почеток во 17:30 часот, да излеземе сите заедно, сплотени на голем студентски марш, каде тргнувајќи од Влада па до МОН ќе го завршиме нашиот марш и јасно и гласно ќе ги искажеме нашите барања. Ги повикуваме сите кои се вклучени активно во образованието, меѓу кои средношколци, професори, декани и ректори да ни дадат поддршка и да се приклучат на маршот. Ајде сите заедно да се избориме за нашите студентски права и подобар студентски стандард - се вели во објавата на УСС на УКИМ.