О2 Иницијатива: Аерозагадувањето во Македонија е здравствена криза, не еколошка тема

Граѓанската платформа О2 Иницијатива предупредува дека аерозагадувањето во Македонија одамна ја надминало рамката на еколошки проблем и прераснало во сериозна здравствена криза со директни последици по животот и здравјето на граѓаните.

„PM честичките, издувните гасови од дизел возилата, полицикличните ароматични јаглеводороди, бензенот, одредени тешки метали од индустријата и соединенијата што настануваат при согорување на дрва, јаглен и нафта се класифицирани како канцерогени од прва група, што значи дека е докажано дека предизвикуваат рак кај луѓето“, велат од О2 Иницијатива, повикувајќи се на класификациите на Меѓународната агенција за истражување на ракот.

Според иницијативата, токму поради ова, проблемот со високото аерозагадување не смее да се третира како маргинална еколошка тема, туку како итна здравствена криза. „Ова не е прашање на естетика или квалитет на живот, туку прашање на преживување и јавно здравје. Наместо со децении да се калкулира политички со неопходните мерки, потребна е итна и системска реакција“, нагласуваат од О2.

Македонија, според нивните податоци, со години е на врвот во Европа по бројот на починати поради изложеност на PM2.5 честички. Само во 2023 година, како што посочуваат, регистрирани се 222 починати лица на 100.000 жители во ризик, бројка која, според О2 Иницијатива, е алармантна и поразителна.

„PM2.5: НАЈОПАСНИТЕ

Во однос на загадувањето со PM2.5, најопасните и најштетни по здравјето, нема некоја промена во последните 5 години, малите разлики се должат на климатските услови.

Во зима: концентрациите се до 18 пати повисоки 

Надвор од грејна сезона: до 3,5 пати повисоки“

Кога станува збор за мерењето на квалитетот на воздухот, од иницијативата укажуваат дека состојбата во 2025 година не покажува суштинско подобрување. „И по три или повеќе години, одредени мерни станици сè уште не функционираат. Во моментов, 39 инструменти, односно околу 30 проценти од вкупниот број, не работат поради недостиг на резервни делови“, велат од О2, додавајќи дека продолжува и праксата да не се мерат тешките метали, бензенот, бензо(а)пиренот и хемискиот состав на PM2.5, иако тоа е законска обврска.

Според нив, ваквиот институционален вакуум значи дека ниту јавноста, ниту институциите немаат реална слика на какви концентрации од докажани канцерогени супстанции се изложени граѓаните. „На ова поле, за жал, ништо суштински не е сменето ниту со актуелната власт, која е веќе повеќе од една година на власт, иако додека беше во опозиција јавно бараше буџетски средства токму за оваа намена“, велат од иницијативата.

О2 Иницијатива посебно алармира за состојбата со PM2.5 честичките, кои ги оценува како најопасни за здравјето. „Во зимскиот период, концентрациите се и до 18 пати повисоки од вредностите за заштита на здравјето, а надвор од грејната сезона и до 3,5 пати“, наведуваат од О2, додавајќи дека е поразително што дури ни Лазарополе, кое се смета за референтно чисто подрачје, не ги исполнува здравствените граници.

„Загадувањето со PM10 е во слични рамки и исто не покажува некоја промена. 

Зимски концентрации: до 7,5 пати повисоки

Летни концентрации: до 2,5 пати повисоки“

Слична е состојбата и со PM10 честичките, додека загадувањето со азотен диоксид (NO₂), кое главно потекнува од сообраќајот, според О2 Иницијатива, неоправдано се премолчува. „Во Скопје, но и во Тетово, Кавадарци, Кичево и Охрид, мерните места во близина на фреквентни улици покажуваат вредности далеку над здравствените граници, без системски мерки за нивно намалување“, велат од иницијативата.

„NO₂: ЗАГАДУВАЊЕ ОД СООБРАЌАЈОТ КОЕ СЕ ПРЕМОЛЧУВА

Обично не се зборува за загадувањето со NO₂, азотниот диоксид, кој е главно резултат на сообраќајот, но и на согорувањето на фосилните горива.  

Зимски вредности: до 4,5 пати повисоки

Летни вредности: до 4 пати повисоки“

Во критиката кон локалните и централните власти, О2 Иницијатива посочува дека нема сериозни и обврзувачки мерки ниту за греењето, ниту за сообраќајот, индустријата и градежништвото. „Да дозволиш да чадат оџаци без филтри, да се гори петрол кокс, индустријата да користи јаглен и мазут наместо гас, училиштата и болниците да се греат на нафта, а возилата без катализатори слободно да сообраќаат – значи свесно да не сакаш да го решиш проблемот и да ги заштитиш граѓаните“, порачуваат од О2.

Посебно остри се и кон мерките што се спроведуваат во Скопје. „Во град со 40.000 до 55.000 домаќинства што се греат на дрва, субвенционирањето на неколку стотици инвертери и филтри не е мерка, туку алиби. Со тоа темпо, проблемот би се решавал со децении“, велат од иницијативата, потенцирајќи дека без јасна забрана и масовна поддршка, ваквите мерки остануваат само декларативни.

„Според пописот од 2021 во Град Скопје има помеѓу 40.000 до 55.000 домаќинства кои се греат на дрва (23–32% од домаќинствата), ~550 на нафта, ~100 на јаглен, ~ 7.000 на пелети, ~31.000 на клима уреди. 

Во државава во 2024 се регистрирале над 684.000 возила од кои

2/3 се дизел

2/3 се постари од 15 години

1/3 се во Скопје“

Од О2 Иницијатива заклучуваат дека без итна, системска и здравствено ориентирана политика за чист воздух, Македонија ќе продолжи да плаќа висока цена во човечки животи. „Ова не е прашање за утре. Ова е прашање за денеска“, порачуваат од иницијативата.