Новороденчињата во Скопје се уште не добија дрво на кое ќе стои нивното име

Новороденчињата во Скопје не добија дрво на кое ќе стои нивното име како што лани на 2 април најави градоначалникот Петре Шилегов. Градоначалникот Шилегов на прес-конференција за најава на проектот рече дека во текот на месец април во пролетната акција за зазеленување на Скопје, на дрвјата ќе бидат поставени плочки на новороденчињата, пишува СДК

Ниту во пролетната, ниту во есенската акција кога се садеа дрвја низ градот не беше поставена плочка со име на новороденче. Досега од родители до Град Скопје стигнале 258 барања нивното дете да добие дрво.

Градоначалникот Шилегов вели проектот ќе се реализира штом се стопи снегот.

„Временските услови не спречија, беше сè готово дури изработени се таблите. Кога ќе се тргне снегот ќе можеме да го презентираме. Инаку беше во план за презентација пред да почнат снежните врнежи“, вели Шилегов.

Лани на 2 април Шилегов потпиша меморандум за спроведување на проектот со гинеколошко-акушерските клиники во Скопје. Тогаш беше кажано дека родителите кои сакаат нивното дете да има дрво на кое ќе стојат неговите податоци ќе можат да се пријават во Град Скопје. По напуштање на гинеколошката клиника, родителите ќе треба да го пријават добиениот кодот на телефонскиот број 071/395-395, каде што потоа ќе ги добијат дополнителните информации.

„Заедно со гинеколошко-акушерските клиники и ЈП ’Паркови и зеленило‘ ја почнуваме реализацијата на проектот ’Дрво за секое дете‘. Преку овој проект, им овозможуваме на нашите сограѓани да засадат дрво во чест на раѓањето на нивното бебе, на некој од градските дрвореди, паркови или скверови. На дрвото ќе има плочка каде што ќе го пишува името на детето и датумот на раѓање. Низ годините, секој што засадил дрво ќе може да го следи растот на дрвото заедно со неговото дете“, рече лани Шилегов.