Новогодишни пакетчиња од ОКТА за децата од соседните основни училишта

ОКТА и годинава ги израдува децата од основните училишта кои се наоѓаат во близина на седиштето на компанијата во општина Илинден. Сите ученици од прво до деветто одделение во централното општинско основно училиште „Браќа Миладиновци“ во Миладиновци и во подрачните училишта во селата Мршевци и Текија добија новогодишни пакетчиња, донација од ОКТА.

„Детските насмевки и радост се најдрагоцената и најубава слика на новогодишните празници. Ќе бидеме среќни доколку оваа наша донација им ги разубави празничните денови на децата од нашето соседство и ќе ги направи уште посреќни“, рече Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации од ОКТА при предавањето на пакетчињата.

Централното и двете подрачни училишта „Браќа Миладиновци“ бројат вкупно 365 деца од шест села од општина Илинден, меѓу кои и деца од социјално загрозени семејства. Новогодишните пакетчиња им беа доделени за време на новогодишната забава која традиционално се организира во кругот на централното училиште.

„Децата веќе знаат и со нетрпение ги очекуваат пакетчињата од ОКТА. Му благодариме на тимот на ОКТА, кој и годинава покажа што значи да се биде добар сосед и им ја збогати новогодишната магија и на нашите деца“, истакна директорката на училиштето Марија Зоксимовска.

Поддршката на образованието и младите е еден од носечките столбови на стратегијата за општествена одговорност на ОКТА. Покрај донацијата на новогодишните пакетчиња, за време на пандемијата, компанијата обезбеди 30 лаптоп компјутери и 10.000 маски, за непречено одвивање на наставата во основните училишта на територијата на Општина Илинден.