Новогодишен ОНЛАЈН саем на книги на sakamknigi.mk

Како и секоја година, така и оваа, издавачката куќа Сакам Книги организира новогодишен онлајн саем на книга на нивниот сајт www.sakamknigi.mk. Годинава започнуваат од вторник, 12.12.2017, и сите нивни изданија ќе се продаваат со попусти од 10% до 50%, а нудат и бесплатна испорака за сите нарачки над 1.000 денари низ целата земја. Дополнително, за сите поголеми нарачки (над 1300 ден.) ќе следуваат чашки со празничен дизајн.

Како најголем хит за зимава се најавува нивниот најнов бестселер, Зима со мирис на капини од Сара Џио, емотивна приказна за две жени кои живеат во Сиетл, едната во 1933, а другата во 2010 година. Едната е самохрана мајка, со тажна љубовна приказна зад себе, а другата се обидува да си го спаси бракот и да преболи трагедија. Иако навидум нивните животи немаат допирна точка, се покажува дека ги поврзуваат многу повеќе работи отколку што мислат.

Зима со мирис на капини е светски бестселер преведен во 30 земји и воедно една од најпопуларните книги на авторката Сара Џио, која има сличен стил на Кристин Хана и Лусинда Рајли.

ПРЕПОРАКИ ОД ИЗДАВАЧОТ ЗА ОВАА ЗИМА

Сакам Книги издвојуваат и други наслови како препораки од нивната понуда, зависно од вкусот на читателите. Па, за сите оние кои се по трилерите, прв предлог за зимава е Девојката пред мене од Џ.П Дилејни – психолошки трилер преведен во 40 земји според кој наскоро ќе се снима и филм. Криј се од Лиса Гарднер и Сушата од Џејн Харпер исто така се дел од најпродаваните трилери периодов. Доколку ве интересираат романсите, најпродавани кај нив оваа година се: Онаа ноќ во Њујорк од Лорен Лејн, Или ти, или никој од Сузан Елизабет Филипс и Планот за среќен крај од Линдзи Келк. Од драмите, ги издвојуваат Ленинградска зима, Збогум најмила и Приказна за една мајка.

Целосниот саемски каталог може да се погледне на овој линк: https://goo.gl/pKRXhy . Попустите ќе траат до 31.12.2017.

Доколку ви треба кратка содржина за ЗИМА СО МИРИС НА КАПИНИ

Сиетл, 1933

Самохраната мајка Вера Реј го бакнува своето тригодишно синче, Даниел, и оставајќи го дома сам затоа што нема никаков друг избор, со тешко срце заминува на работа во локален хотел каде што работи како собарка. Кога излегува од работа следното утро, гледа дека градот го покрил голем снег, иако е месец мај. Кога стигнува дома открива дека нејзиниот син исчезнал во текот на ноќта. Надвор, го наоѓа неговото сакано мече фрлено на подмрзнатата улица, а снегот веќе ги има скриено неговите стапки, како и на личноста што го зела.

Сиетл, 2010

Новинарката Клер Олдриџ добива задача да пишува за снежната бура, чуден феномен во мај кој се случил и пред осумдесет години и така дознава за нерешениот случај со киднапирање дете, па си се заколнува дека ќе ја открие вистината. Во процесот дознава дека таа и Вера може да се поврзани на неочекуван начин…

Авторката ја посветува книгата на секоја мајка што има изгубено дете, па самото тоа зборува за емоциите кои се вткаени во приказната.