Новогодишен базар, скулптури од мраз и музика за новогодишна атмосфера во Скопје

Од аспект на културно-музичката програма за новогодишниот период, Град Скопје на јавен повик ја избра компанијата „Проивент солуции“ ДООЕЛ Скопје да изработи идеен концепт и да ја реализира програмата. Вкупната вредност на овој договор изнесува 6.000.000 денари, со пресметан ДДВ - велат од Град Скопје, пренесува Слободен печат.

Новогодишен базар што ќе трае 15 дена, а во текот на викендите приредби за најмладите, но и концерти, забава и рекреација за возрасните, предвидува Град Скопје за убава новогодишна атмосфера во градот. Од Градот велат дека во моментов работат на подготовка на двата дела – и на украсувањето и на програмата, но не прецизираат кога ќе започне украсувањето на Скопје.

– Од аспект на украсувањето, тендерската постапка за компанијата што треба да го работи тој дел е во завршна фаза. Од аспект на културно-музичката програма за новогодишниот период, Град Скопје на јавен повик ја избра компанијата Друштво за трговија и услуги „Проивент солуции“ ДООЕЛ Скопје да изработи идеен концепт и да ја реализира програмата. Вкупната вредност на овој договор изнесува 6.000.000 денари, со пресметан ДДВ – велат од Град Скопје.

Според нив, овој проект претставува продолжување на традицијата на старо Скопје каде што некогаш Новата година ја пречекувале сергии односно тезги преполни со новогодишни занимливости. Проектот е замислен преку изведба на штандови наполнети со топли пијалаци, храна, книги и новогодишни играчки и украси да ја долови и доближи соодветно новогодишната еуфорија. За таа цел, како што објаснуваат од Градот, преку оградена снежна зона со топ што создава снег ќе се забавуваат најмалите посетители. Ќе биде поставено и пластично игло каде што ќе има различни активности додека траат настаните, вклучувајќи и работилници за деца од претшколска возраст. Децата ќе можат да се возат бесплатно на новогодишното вовче низ штандовите.

– Натпревар во изработка на скулптури со претходно одредена тематика од блокови мраз е новитет што досега кај нас не се реализирал. За да се долови целосно новогодишната атмосфера, се предвидуваат маскирани забавувачи што ќе ги анимираат и забавуваат граѓаните и ќе се фотографираат со посетителите. Бидејќи новогодишниот базар ќе трае 15 дена, во текот на викендите, покрај забава за најмладите, ќе има и настани за возрасните – концерти, забава и рекреација за родителите и за другите посетители – објаснуваат од Градот.

Сепак, од Град Скопје не добивме одговор кој ќе ги забавува скопјани во предновогодишниот период на концертите што ги споменуваат, ниту дали годинава скопјани ќе можат заеднички да ја дочекаат Новата 2019 година на плоштадот. Веројатно одговорите на овие прашања ќе стигнат до граѓаните кога „Проивент солуции“ ќе ја подготви програмата и ќе се договори со изведувачите.