Ново возило за заловување на бездомни кучиња во Скопје

Денеска во Скопје во употреба беше ставено ново возило наменето за заловување и транспорт на бездомните кучиња од улиците.

Станува збор за второ возило на ЈП „Комунална хигиена“ што ќе се користи од специјализирана Служба за хуман третман и контрола, при секојдневните акции за заловување на бездомните кучиња коишто ќе се транспортираат во стационарот „Вардариште“. Возилото е од марката „фиат дукато“ и е со носивост на товарен простор од 1.500 килограми.

„ЈП ‘Комунална хигиена’ од 2007 година го спроведува Проектот за хуман третман на бездомните кучиња – Програма наречена ‘Залови, стерилизирај, врати’. Оваа Програма е осмислена од Светската асоцијација за заштита на животните (WSPA), поддржана од Светската здравствена организација (WHO), а одобрена од Советот на Градот Скопје.
Според Програмата, кучињата откако ќе се заловат од Службата за хуман третман и контрола, се транспортираат во стационарот ‘Вардариште’, каде што може да се сместат околу сто животни во боксови изградени по европски стандарди“, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Во текот на 2017 година, Службата за хуман третман и контрола заловила 1.444 кучиња, од коишто 1.055 биле медицински третирани, а 159 од овие животни биле вдомени во стационарот „Вардариште“. Новото возило за заловување и транспорт на бездомните кучиња е набавено по пат на јавна набавка, а истото ќе се употребува и за подигнување на телата на умрените животни од скопските улици.