Ново мултифункционално игралиште ќе добијат жителите на Градинар во општина Кисела Вода

Ново мултифункционално игралиште ќе добијат жителите на Градинар во скопската општина Кисела Вода. Ќе се протега на површина од 1100 метри квадратни и со овој градежен зафат како што објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на жителите ќе им се обезбеди безбеден и современ простор за спорт и рекреација.

„На новото мултифункционално спортско игралиште со површина од 1100 квадратни метри, ќе има и детско катче опремено со нови реквизити, фудбалско игралиште, кошаркарско, простор за возрасните и урбана опрема која дополнително ќе го разубави овој простор. Со други зборови, за многу брзо време од сега жителите на Градинар ќе добијат простор за одмор, за рекреација и спортување, изведен по сите современи стандарди.

Претходно, ги обновивме улиците и изградивме фекална мрежа. Во целата општина решаваме децениски проблеми со цел во целост да го смениме имиџот на Кисела Вода која за жал во минатото беше синоним за лоша инфраструктура и за негрижа на одговорните. Ние продолжуваме понатаму да создаваме услови за поквалитетен живот, бидејќи мојот народ заслужува“, напиша Ѓорѓиевски.