Новите згради Маџир Маало ќе се топлифицира

Жителите на зградите во Маџир Маало добиваат можност да се приклучат на централниот топлификационен систем. За поставување на топлификационата мрежа низ ова скопско маало во кое се изградени неколку колективни станбени згради веќе е изготвен проект од страна на компанијата за Дистрибуција на топлина “Балкан енерџи” (БЕГ).

– Согласно обврските од лиценцата и развојната програма на дистрибутивната мрежа, изготвен е проект “Изградба на нова секундарна топловодна мрежа во Маџир маало, општина Центар”. Проектот претставува проширување на мрежата за централно греење и ќе обезбеди технички услови за поврзување на нов конзум – велат од БЕГ.

Како што пишува Вечер, секундарната линија за Маџир маало, како што неофицијално се дознава, ќе се надоврзе на постојниот крак кој влегува во Маџир маало од кај зградата на Народната банка.

Од БЕГ информираат дека потребата за овој проект произлезе од барањата за енергетска согласност за поврзување со системот за греење од страна на неколку инвеститори кои очекуваат да ги завршат своите објекти (станбени згради) на почетокот на грејната сезона.

– Овие објекти се сметаат за нов потенцијален конзум за централно греење кој треба да биде поврзан на новата секундарна топловодна линија. Врз основа на поднесените барања за претходна енергетска согласност за приклучување на системот за греење, во текот на грејната сезона се очекува дека на оваа на овој нов топловод ќе се приклучат нови објекти – велат од топлификационата компанија.

“Балкан енерџи” поседува лиценца за дистрибуција на топлина во Скопје според која е должна да обезбеди сигурна испорака на топлина на потрошувачите и да ја одржува и проширува мрежата. За исполнување на обврската компанијата подготвува и годишна инвестициска програма која ги содржи планираните инвестициски проекти за реконструкција, модернизација и проширување на мрежата.

– Согласно „Студијата за економски-оптимална еколошка грејна структура на Скопје” објавена на веб-страница на Снабдување на топлина за зонирање на градот, се планира програмата за развој на дистрибутивната мрежа за привлекување на нови потрошувачи кои ќе го користат централниот систем за греење.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ вели дека греењето е најголем загадувач.

– Затоа општина Центар заедно со БЕГ започна со подготовки на инфраструктурни проекти со цел во населбата Маџир Маало да се постави топлификациска мрежа за да се замени постојниот систем на греење на дрва и на други горива. Веќе се започнати разговори за започнување на гасификација на општината – вели Богдановиќ.

Од БЕГ потенцираат дека добрата пракса и соработка со општина Центар за користење на централниот систем за греење што е во насока и на заштита на животната средина, ќе се примени и во останатите општини.