Новите имиња на старите скопски маала

Во текот на 90-тите некои скопски топоними добија нови имиња, кои беа прилагодени и посвојствени на новото време. Времињата се менуваа, како на културен план, а уште повеќе на социјално-политички.

Сведоци сме на менување на имињата на многу улици, плоштади, објекти, кои со новото време добиваат нови а сепак стари имиња од некоја поинаква историја. Како што улица „Македонија“ измени 15-16 имиња само во последните 100 години, не останаа имуни и скопските маала и култни места.

Конкретната идеја за овој текст дојде од маалото чиво име пред култниот назив не ни постои. Урбан „блок“ во самиот центар на градот, помеѓу улиците „Партизанска“, „Климент Охридски“ „Димитрија Чуповски“ и „Даме Груев“. И денес е тешко да се именува, од проста причина што баш ништо „значајно“ не се наоѓа во него, а Скопјани се познати по тоа што именуваат населби според некој важен објект кој се наоѓа на одредено место. Бурните 90сети, на малата ширинка пред тунелот „Палета“, сместен во старата куќа која и денес постои, а изградена пред земјотресот, беше сместено култно кафуле „SF“.

Во популарниот „Ес-Еф“ се собираше скопската урбана фела, млади уметници и слободни души, што за многумина овој локал го правеше ексклузивен. Повеќе ексклузивен во однос на кругот на луѓе отколку на она што се нудеше или вредноста на самото кафуле, кое во суштина не беше ништо посебно. „Ес-Еф“ инаку, се однесува на американската скратеница која означува филмски жанр „Science Fiction“ или научна фантастика, па така маалото го доби називот Есеф или С-ф.

Сопственикот на ова култно место кое постоеше и во првите 2-3 години, од кога времето го броиме со префикс 20, беше фронтменот на легендарната скопска група „Студени Нозе“. Во рамките на ова маало се наоѓа и познатиот „Дом на градежници“ кој денеска е дом на културата „Кочо Рацин“. За младите овој објкет, барем во наредните години ќе биде „Хавана“, како уште еден од безброј примери кога административни називи не успеале да бидат прифатени во општо користење.