Новите градоначалници не им ги продолжуват договорите за работа на наставниците во основните училишта

Новите градоначалници на општините не им ги продолжуват договорите за работа на наставниците во основните училишта кои досега работеле на договор на дело. Ова предизвика реакција кај родителите на учениците од пониските класови бидејќи се случува на среде школската година.

Тие сметаат дека смената со нови наставници ќе предизвика психолошки проблем кај нивните деца бидејќи досега се навикнале на предавањата на своите учител(к)и и плачат барајќи ги да се вратат назад.

Родители од третите одделенија во основните училишта “Св. Климент Охридски” и “Живко Брајковски” во општина Бутел потпишале петиција за останување на работа на досегашните учителки на кои градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски не им ги продолжил договорите за работа. Поплаки на родители има и на социјалните мрежи.

– Децата се задоволни од учителката. Таа во изминатава една година направи се да им се доближи на учениците откако нивната учителка почина. Децата ја засакаа, се приврзаа со неа и сега ако ја сменат тоа ќе биде нова траума за нив на почетокот на второто полугодие. Тоа се само деца, а не работници во фабрика на кои ќе им го смениш шефот и никому ништо – вели еден родител на ученичка во ОУ”Св.Климент Охридски”.

Инаку, на местото на сменетата учителка треба да дојде директорката на училиштето “Ацо Шопов” во населба Радишани која си дала отказ и сега се враќа во матичното училиште каде работното место и било ставено во мирување. Сличен е и примерот во ОУ”Живко Брајковски” каде разрешената директорка ќе продолжи да работи во истото училиште како учителка, а досегашната учителка си заминува од работа. Се очекува нова директорка на ова училиште да стане наставничка по физичко воспитување од истото училиште.

Петицијата родителите ја доставиле до директорите на двете училишта, до градоначалникот Смилевски и до Министерството за образование. Од кај градоначалникот им било речено дека ќе бидат повикани на разговор по празниците. Вечер побара коментар од градоначалникот Смилевски, но тој не се јави на нашите телефонски повици.

Вакви примери има низ сите општини во државава. За градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски промените на кадарот во училиштата треба да се сфатат како една нормална законска процедура. Тој ги коментираше актуелните случувања во „Св.Климент Охридски“ – Охрид, каде по завршувањето на договорите на дело на двете наставнички и дефектологот, иако конкурирале на распишаните конкурси за вработување биле одбиени, а на нивно место ќе се вработат други лица.

– На конкурсот може да се јави секој и конкурсната комисија одлучува за кого и како треба да постапи понатаму, односно кои луѓе треба да се примат – коментира Стојаноски.

Охридскиот градоначалник вели дека по завршувањето на договорите на 30-ти ноември, тие биле продолжени за да нема конкурс на средина од полугодието. Затоа конкурсот бил распишан кон крајот на првото полугодие.

– Некаде продолжија старите, некаде има нови вработувања. Всушност и заради тоа имаше промена во локалната самоуправа, има нов градоначалник, има нова политика во образованието. Се е сосема легално, согласно законските прописи. Конкурс имаше и на него може секој да се пријави. Па дури и оние кои во изминатиот период беа бркани од истите тие училишта. Значи треба да ја сфатиме работата во еден подолг временски период, во континуитет, како се одвивале работите и се надевам дека сето ова ќе биде сфатено од граѓаните како една нормална законска процедура – изјави градоначалникот Стојаноски.

Од Министерството за образование и наука велат дека немаат никаква поврзаност со селекцијата на апликантите за нивно вработување, но им препорачуваат на градоначалниците и директорите на училиштата, првенствена грижа да им бидат интересите на учениците.

– Со Заклучок на претходната Влада, вработувањата во училиштата биле на определено време, а поради тоа секоја година биле распишувани конкурси за вработување. Поради изборите, во септември се распишани конкурси со вработувања на 3 месеци, додека пак во моментот се распишуваат конкурси за вработување до крајот на школската година. Напоменуваме дека, Министерството за образование и наука единствено дава согласност за распишување на конкурсите и нема никаква поврзаност со селекцијата на апликантите за нивно вработување. Во таа насока, наша препорака при сите активности на градоначалниците и директорите на училиштата, првенствена грижа да им бидат интересите на учениците – истакнуваат од Министерството за образование и наука.

cheap nike free run 5.0