Новите цени на дизелот ќе предизвикаат поскапување на билетите за градскиот превоз

Покачувањето на акцизата на дизел горивото директно ќе влијае на јавниот превоз, потенцираат од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).

Како што информираа од јавното претпријатие на дневна основа ЈСП троши околу 25.000 литри дизел, што значи дека трошоците за набавка би се зголемиле за околу 85.000 денари дневно или околу 31 милион денари годишно, пишува Вечер прес.

– Во досегашниот период, иако цените на јавниот превоз беа прилично ниски споредбено со трошоците со кои се соочуваше претпријатието, сепак ЈСП Скопје успеваше да најде баланс и пред се со домаќинското работење да оствари и добивка на крајот на последните две години. Иако беше најавувано дека оваа мерка е пред се за помалку користење на возилата на дизел согорување, се со цел намалување на загадувањето, напоменуваме дека новите возила на ЈСП Скопје се со мотори од еуро 4 и еуро 5 стандард, што значи дека ги исполнуваат светските стандарди и трендови во однос на заштита на животната средина, а спротивно на тоа претпријатието ќе ги сноси најголемите последици од оваа мерка, потенцираат од ЈСП.

Од таму, најгласуваат и дека значително ќе им се зголеми трошокот како претпријатие кон приватните превозници.

– Имајќи го предвид фактот дека приватните превозници се дел од Интегрираниот тарифен систем при што наплата по изминат километар е директно поврзан со цената на чинење на дизел горивото, значително ќе се зголеми и трошокот на ЈСП Скопје кон нив, што дополнително ќе ја влоши финансиската состојба на претпријатието, особено сега кога после долги години успеавме со макотрпна работа да го поставиме на здрави основи, велат од ЈСП.

Освен покачување на цената на билетите за градски автобус, градското автобуско претпријатие вели дека другата опција е новите трошоци од повисоката акциза да им го покрие Град Скопје.

– Со ваквиот тренд на зголемувањето на акцизите за дизел горивото, се јавуваат две опции за надминување на негативните финансиски импликации, или зголемување на субвенциите кои Град Скопје ги обезбедува за ЈСП Скопје или донесување на Одлука од страна Советот на Град Скопје со која ќе се зголеми цената на јавниот превоз, додаваат од јавното претпријатие.

Покачувањето на акцизата на дизелот од Нова година за 3,5 денари наиде на големо негодување во јавноста.